Претприемач на годината 2015

In this article:

На ден 18.12.2015 година (петок), во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија. Наградата се доделува по 9-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.

Во категоријата мали претпријатија првата награда им припадна на Томо Ѓоргиески и Петар Василески, менаџери на компанијата Ламинати Ком од Прилеп, а втората на Дејан Трајчев, менаџер на компанијата Дени Милк од Кочани.
Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Ељмедин Адеми,менаџер на компанија Скрин Медиа, а втората на Владимир Јосифовски, менаџер на компанијата Кала Плакат.

Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер
наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија
сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.

Оваа година, Министерството за економија, додели специјално признание за најдобра жена претприемач за 2015 г. Признанието и припадна на Анета Мустафоска управител на
компанијата Исиглас од Скопје.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2015“ беше направена врз основа  на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 48 микро и мали претпријатија, во периодот од 2012 до 2014 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени,вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри.

Главни организатори на Претприемач на годината 2015 се Сојузот на стопански комори на
Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на
северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Организатор и институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности.

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp