Во тек на реализација е проектот: Идентификување на развојните можности за структурни промени и извозна диверзификација преку активни секторски политики – студија на случај: машински и металопреработувачки сектор

In this article:

Проектот е поддржан од програмата за „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“, проект финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015, имплементиран од страна на Фондација за Претприемачки сервис за млади (координатор), Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Здружение за рурален развој „Јавор“.

Општа цел на проектот е: Поттикнување на структурни промени и извозна диверзификација на компаниите од машинскиот и металопреработувачкиот сектор и дефинирање предлог политики согласно Преговарачкото поглавје 20 во делот на приоритетната област 5: Анализа на специфични сектори.

Главната цел на проектот е зголемување на конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија преку идентификување на развојните можности за извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи) и структурни промени (насочување од производство и извоз на производи со понизок степен на финализација кон производи со поголема додадена вредност) во рамките на металопреработувачката и машинската индустрија како исклучително значајни сектори за македонската економија.

За спроведување на оваа цел ќе биде применета валидирана научна методологија преку која ќе бидат анализирани извозните перформанси на сите производи во овие сектори и ќе бидат адресирани оние производи кои се карактеризираат со поголема додадена вредност, кои производи македонската економија има потенцијални компаративни предности и економски претпоставки да отпочне да ги произведува и извезува.

Базирано на спроведената анализа, проектот има за цел да обезбеди релевантни сознанија за градење на секторска политика за привлекување на странски директни инвестиции кои ќе овозможат нивно целосно искористување преку вклучувањето на домашните компании во нивниот ланец на снабдување и овозможување на трансфер на технологија и знаење.

Дополнително, проектот има за цел креирање на предлог секторски политики кои ќе бидат насочени кон адресирање на пазарните неуспеси (информациски, координациски и организациски екстерналии) како главни ограничувачки фактори за бавната динамика на структурни промени во индустријата и извозот во анализираните индустрии, и недостатокот на капацитет на овие сектори да влезат во процесот на извозна диверзификација преку градење на конкурентски предности во производство и извоз на производи со повисок степен на додадена вредност. Таквите предлог секторски политики ќе имаат јасни инструменти и активности кои треба да придонесат кон остварување на крајната цел. Многу повеќе, таквите политики ќе бидат базирани на преговарачкото поглавје 20 во насока на реиндустријализација и зголемување на извозната конкурентност, но ќе бидат прилагодени на специфичностите на македонската економија со посебен фокус на анализираните сектори.

Согласно статистиката на ЕУ, како индустриски сектор кој има најголема додадена вредност и најголем број на нови вработувања се јавува производството на машини и опрема(http://ec.europa.eu/eurostat/statistics-explained/index.php/Manufacturing_ statistics_-_NACE_Rev._2). Во таа насока, согласно индустриските политики на ЕУ претставени во Стратегијата 2020, како и обврските на Република Македонија согласно Преговарачкото поглавје 20, а имајќи го предвид делумно развиениот производен сектор и потенцијални компаративни предности, овој проект е фокусиран на развојот на извозниот потенцијал на машинскиот и металопреработувачкиот сектор.

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp