Настанот кој е дел од проектот ,,Развој на компетенции за социјално претприемништво низ игра во Општина Штип” беше реализиран на датум 30 август 2017 г. во просториите на Универзитскиот ресторан при УГД, Штип, каде присуствуваа 32 учесници. Следејќи ја главната цел на проектот, активностите на овој настан беа во насока на вмрежување на поединци од маргинализираните заедници, граѓански организации, претставници од локалната самоуправа и останатите организации/институции за поддршка на претприемништвото.
Бизнис кафето започна во 11:00 часот со пристигнување на сите учесници и нивно регистрирање додека беа послужени со кафе/чај/сок и слично. Настанот беше отворен од страна на проектниот менаџер од НЦРИПУ (Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење) Момир Поленаковиќ, кој зборуваше за главните активности на НЦРИПУ, нивни досегашни достигнувања и резултати од работата на овој проект како и за плановите во иднина. Потоа, следуваше обраќање на претставник на „Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип“, Ерол Адемов. Ерол исто така ги објасни главните активности и цели на ова здружение, неговата инволвираност и соработка со овој проект и други останати проекти на кои работи здружението.
Откако се претставија главните спроведувачи на проектот, следеше презентација на целите, активностите и постигнатите резултати на проектот ,,Развој на компетенции за социјално претприемништво низ игра во Општина Штип” од страна на проектниот менаџер Теодора Ева Бранова. Имено беше претставена анализа на досега реализираните активности и пренесеното знаење и информации кон таргет групата, како и идни очекувања за кои ќе придонесе овој настан. Голем број од членовите кои присуствуваа на претходните настани од овој проект а беа исто така присутни и на ова бизнис кафе, имаа можност да се потсетат на темите кои беа обработени и дискутирани на претходните настани и да го утврдат и зајакнат тоа знаење преку користење на вештините за вмрежување и интеграција со претставници од други организации.
Претставничката од Општина Штип, Вања Џамбазова Николовска беше следна со кратко обраќање. Таа ја истакна важноста од соработката со овој проект и постигнатите резултати, проекти кои следат и можности и шанси за повторна соработка во иднина.
Гостинот предавач, Ивана Станковска изврши презентација на проектот „Социјално претприемнишво за инклузија на Ромите“ кој се однесува на истата таргет група и мултиетничко здружување. Преку презентацијата беа претставени главните цели и задачи на проектот, како и можноста за учество на натпревар за нови бизнис идеи, кој ќе се организира во рамките на проектот, а учесниците на ова бизнис кафе имаа шанса да се пријават и да освојат една од наградите.
Следни беа кратки излагања на неколку претставници од релевантни институции за социјалното претприемништво во вид на мотивациски говор, по што сите присутни имаа за задача да се претстават и да ги кажат своите досегашни достигнувања, а доколку поседуваат некаква бизнис идеја, да ја споделат и образложат како ќе ја имплементираат во иднина.
Настанот заврши успешно и беше проследен со коктел каде учесниците имаа можност да ги споделат своите размислувања и идеи а со тоа и да ги зајакнат вештините за вмрежување и комуникација.